Ѓоковиќ со доминантно издание до 10. титула на Аустралијан Опен!

Новак Ѓоковиќ е едноставно недопирлив кога игра на првиот грен слем во годината, а тоа го докажа на дело и денеска во големото финале против Стефанос Циципас.



Гркот се обиде да му се спротивстави на најдобриот тенисер кој некогаш заиграл на „Род Лејвер арената“, но едноставно не можеше да му го попречи патот до јубилејна 10-та титула на Аустралијан Опен.

Новак режираше „слатка одмазда“ до сите во Австралија поради тоа што не му беше дозволено да игра минатата година, па со доминантен тенис од стартот и само еден загубен сет, стигна до големиот трофеј и нов неверојатен успех во кариерата.

Ѓоковиќ го најави триумфот против Циципас уште во првиот сет кој го доби за само 36 минути игра (6:3), а дефинитивно најсилниот отпор го доби во вториот во кој спасуваше и сет топка при резултат 5:4 за Гркот.

Откако го преживеа тоа, Ноле брилјираше во тајбрејкот и поведе со 2:0, а потоа одново имаше повеќе нерви во клучниот 13-ти гејм во третиот сет. Вториот тајбрејк го доби со 7:5 и стигна до 10-та титула на Аустралија Опен, или вкупно 22-ра грен слем титула во кариерата, израмнувајќи се со Рафаел Надал.

Со овој нов триумф, Ѓоковиќ автоматски се враќа и на првото место на АТП листата.