Министрите за надворешни работи на Шведска и на Финска во одделни интервјуа објавени вчера очекуваат на лето приклучување во НАТО,, иако турскиот претседател рече дека Шведска не треба да очекува неговата земја да го одобри нејзиното членство, објави АП.



Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром во интервју за шведскиот весник „Експресен“ призна дека турскиот гнев поради неодамнешните демонстрации и палењето на Куранот пред турската амбасада во Стокхолм го искомплицира приемот на Шведска во НАТО.

Муслиманите згрозени од палењето на Куранот во Стокхолм

За прием на нови земји, НАТО бара едногласно одобрение од постојните членки, од кои една е Турција.

Сепак, шведската влада се надева дека ќе влезе во НАТО ова лето, рече Билстром.

Унгарија и Турција се единствените земји од 30-члената западна воена алијанса кои не ги потпишаа барањата на Финска и Шведска.

Додека Унгарија вети дека ќе го стори тоа во февруари, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во четвртокот рече дека планираниот состанок во Брисел на кој ќе се разговара за членството на Шведска и Финска во НАТО е одложен.

Таквата средба би била бесмислена по настаните од минатиот викенд во Стокхолм, рече Чавушоглу.

Турција збесна по протестите на прокурдските групи и палење на светата книга на исламот Кураннот пред турската амбасада од страна на екстремно десничарскиот дански политичар Расмус Палудан.

Финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто смета дека заедно со Финска двете земји ќе влезат во НАТО.

„Според мое мислење, патот кон НАТО не е затворен за ниту една земја“, рече Хаависто во интервју за финската јавна телевизија YLE.

Тој рече дека најавата на Анкара за одложување на трилатералните разговори со Финска, Шведска и Турција засега е времено одложено од турската страна и дека ова прашање може повторно да се разгледа по изборите во Турција закажани за 14 мај.

Хависто рече дека се надева оти временската рамка ќе овозможи финализирање на членството на Финска и Шведска на самитот на НАТО на 11-12 јули во Литванија.