Екс македонскиот амбасадор во Букурешт Благој Зашов му пишува писмо на актуелниот бугарски технички премиер Милков во кое му вели дека веќе не му е драг затоа што во случајот Пендиков се однесува како политичар а не како дипломат.
Зашов и Милков имале интензивно дружење додека двајцата биле амбасадори во Букурешт.
Зашов сега е разочаран од својот колега и сега веќе екс пријател:
Драг колега Милков. Сѐ уште така ви се обраќам, зашто досега евоцирав спомени од нашите разговори во Букурешт. Но работите се сменија. И тоа дијаментрално. По Франција, во која бевте бугарски амбасадор, претседателот Румен Радев ве постави за министер за надворешни работи во последната техничка влада. Таа има за цел да ги организира следните четврти по ред парламентарни избори. Бугарските медиуми споменаа дека имате одлични релации со претседателот Радев, со што се наметнува дилемата какви релации ќе градите со Македонија доколку се земе предвид дека политиките на Радев кон Македонија изминатиот период беа конзервативни. И тоа се покажа како одлучувачко. Се покажа дека ја подржувате матрицата на Радев, но и на Каракачанов и на другите поранешни бугарски министри за надворешни работи. Го искористивте баналниот случај на тепачка на млади во Охрид за политички цели и притоа изјавивте: „Можно е одново да го вратиме ветото. Цинизам е да се дискутира за проекти за еколошка патека во Македонија, додека Пендиков лежи во болница. Може да стопираме и други меѓувладини проекти“. Претходно во присуство на македонски министер за надворешни работи изјавивте: „Во Македонија се враќаат црните традиции на палење, стрелање и насилство врз луѓето“. И по таквата ваша изјава се дрзнавте да напаѓате претседател на една држава – на Македонија, кој само изрази чудење за вашето тврдење за нешто што во историјата ниту постоело, ниту е докажливо.
Е, поради тоа господине Милков, веќе не сте ми ниту драг ниту во иднина сакам да ве признавам и да ви се обраќам како на колега. Се вклопивте во бугарската навивачка публика која не сака добри односи со Македонија, не сака двата народа да живеат во мир. Се појавувате како поголем брат кој му дели лекции на својот помлад брат. Како да две држави, како да двата братски народа не се рамноправни. Знаете, патернализмот е добар ако е во позитивна смисла, но ако е во негативна го предизвикува спротивниот ефект. Често слушам дека во Македонија има омраза кон Бугарите. Тоа не е сосема така. Се разбира има реакции кон бугарските политичари кои ја негираат македонската нација и македонскиот јазик, а има појави на омраза кон оние Бугари кои на социјалните мрежи, на телевизиите и во весниците во Софија ги омаловажуваат Македонците. Се вели дека македонско-бугарските односи се на најниското ниво во овие 30 години, откако Бугарија прва ја призна Македонија како држава, но не и нацијата и јазикот.
Кога како дипломат работев во Советот на Европа политичкиот директор во Советот Фурер во една прилика ми рече: „Господине Зашов, вие со Грција ќе најдете компромисно решение за името на вашата земја, но со Бугарија ќе имате големи проблеми, но не сега туку подоцна“. Тогаш не му поверував, имајќи предвид што ваша Бугарија прва ја призна Македонија, иако со задршка и селективносамо државата, но не и македонската нација. Вашиот прв претседател по паѓањето на железната завеса, Жељу Желев, на една средба во Давос во 1992 година, 15 дена по тој чин на признавање, отворено зборуваше за тоа зошто Бугарија сакала да биде прва во признавањето на Македонија, додавајќи: „Во иднина ќе се види кој со кого е роднина“. Со него имав и уште една средба кога тој веќе не беше претседател, а јас бев пратеник во Собранието на Македонија. И тогаш 2007 година, тој се залагаше за разбирање меѓу двата народа. Го наследија претседатели кои не ја спроведуваа неговата политика.
И да се вратам на она што сега се случува во односите на нашите две земји. И да констатирам дека вие станавте актер на политиката на Бугарија во овие тешки денови на меѓусебните односи. Но не очекував дека повеќе ќе делувате како политичар, туку како дипломат. А дипломатите бараат решенија и не напаѓаат претседатели на други држави. Не ја користат позицијата што нивната држава ја стекнала затоа што порано се приклучила кон ЕУ. Како поранешен колега ве поздравувам и се надевам дека ќе го прочитате ова мое писмо. А јас останувам со убедување дека македонско-бугарските односи имаат перспектива.
Целото писмо е објавено на:
https://nezavisen.mk/kade-e-onoj-moj-kolega-nikolaj-milkov-od-bukuresht/






