Комисија за надворешна политика на бугарскиот парламент чиј претседавач е екс-министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, усвои Декларација која ќе биде доставена на гласање пред пратениците и со која се бара Македонија „веднаш да престане со агресивните антибугарски манифестации и манипулации од минатото“.
Според БГНЕС, документот „категорично ги осудува актите на насилство и повикува на насилство врз Бугарите во РСМ, нивните организации и клубови, а особено тешкото злосторство врз Бугаринот Христијан Пендиков.
Се инсистира на преземање систематски мерки од сите институции за откривање на сторителите и нивно „изнесување пред лицето на правдата“.
Бугарија ги осудува „лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политички простор на РСМ и ги прифаќа како намерно всадување омраза против Бугарија и Бугарите.
„Заштита на правата на бугарските граѓани и граѓани со бугарско самосознание во РСМ мора да се гарантира и преку целосна употреба на инструментите утврдени во преговарачката рамка одобрена од Европската унија и со одлуката на Четириесет и седмото Народно собрание од 25 јуни 2022 година“, се вели во Декларацијата од 9 точки која во целост ја пренесува Агенцијата БГНЕС.






