Белата куќа не кажува кога тенковите „абрамс“ ќе пристигнат во Украина

Ќе бидат потребни повеќе месеци додека тенковите „абрамс“ да стапнат на украинска територија, изјави за Си-ен-ен портпаролот на советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, одговарајќи на прашање во врска со најавената помош за Украина од страна на САД.



Кирби, и покрај неодредената временска рамка за испорака, рече дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден „нема да губи време“ во однос на обезбедувањето обука и зајакнување на синџирите на снабдување за да се осигури дека украинските сили се добро опремени да ги користат тенковите кога ќе пристигнат таму.

И покрај инсистирањето на репортерката на Си-ен-ен, портпаролот одби да каже дали тенковите „абрамс“ ќе пристигнат на фронтовите во Украина до крајот на 2023 година.

„Не сакам да бидам премногу конкретен бидејќи сè уште работиме на плановите, но ќе поминат многу месеци“,

рече Кирби, притоа додавајќи дека во меѓувреме на терен во Украина ќе пристигнат германските тенкови „леопард“.

Кирби, исто така, беше резервиран и во одговорите на прашањето дали американскиот претседател Џо Бајден размислува за патување во регионот како своевидно одбележување на една година од руската инвазија.

Во врска со ова тој наведе дека Бајден е „во близок контакт со претседателот Зеленски и дека тие зборуваат доста често“.

„Мислам дека, знаете, претседателот сигурно, во соодветно време, би бил подготвен да патува во Украина. Но, ние не сме во тој момент сега“,

рече тој.

Американскиот претседател Џо Бајден во средата оваа недела најави дека САД ќе испратат 31 тенк „абрамс“ во Украина.

Бајден нагласи дека оваа бројка е еквивалентна на еден украински баталјон.