На шанкерите во МКЦ им биле исплаќани 750 евра месечно за да не побегнат во странство, со што, ресторанот ќе требало да биде затворен, а институцијата би останала без дополнителни приходи, вели менаџментот од установата. Појаснуваат дека биле ангажирани студенти, кои некогаш работеле и двојна смена, која секако дека треба да се исплаќа како хонорар, со платен данок.
- Што се однесува до сега веќе бомбастичните наслови дека „шанкер зема 750 евра плата во МКЦ“, тоа е во недостаток на редовен вработен персонал, секако за да оствариме сопствени приходи ќе се потпираме на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецетот врз основа на сработеното им се исплаќа како хонорар, со платен данок. И секако 90 договори не се 90 лица – паушален одговор за 12 месеци во годината се 7 извршители месечно, секое со свој посебен месечен договор. Како и да е, на секој од нив посебно сме им благодарни, велат вработените од установата.

Тие уште еднаш посочија дека буџетот на институцијата е скратен наспроти тврдењата на градоначалничката дека нема кратење. Вработените велат дека буџетот на МКЦ е скратен, а надлежните наместо да работат сакаат да ја партизираат установата. Тие бараат да престане мобингот и заканите кон вработените, и ако имало нерегуларности тие да се докажуваат по законски пат.
- Овие денови се тешки за МКЦ, но и за културата воопшто. Се случуваат разни клевети, невидени притисоци врз нас вработените, се дозволуваат паушални толкување на законите и правото, се креваат раменици и оградување од надлежности. Но, за нас се случува нешто најважно: младите во Скопје ја разбраа нашата заложба сиве овие години – да креираме еден европски простор. Се менуваат власти, се менуваат и уредници, но центарот – како поле за нивно изразување и промовирање – останува само нивни. Максимално сме горди и благодарни што за разлика од некои други времиња, сега конечно сме на иста страна. Сакаме отворен, модерен и современ град. Сакаме закони, право и правичност, велат вработените.

Поставувањето на директорот кој е професионален детектив, според нив е политизација на институцијата и бараат да се отвори регуларен конкурс за избор на квалификуван директор на МКЦ. Вработените уште еднаш посочија дека буџетот на институцијата е намален наспроти тврдењата на градоначалничката дека такво нешто немало.
И додека директорот се крие од јавноста, во МКЦ и натаму нема комуникација меѓу вработените и новиот в.д. директор Ванчо Богоев, а се откажуваат и дел од програмските содржини, откако директорот-детектив ги смени бравите на канцелариите во установата.





