Топалов за Македонија: Кога знаеш дека два и два се четири, а некој тврди дека се пет, многу тешко е да го убедуваш

Кирил Топалов од бугарскиот дел на Мешовитата комисија за историски и образовни праша за телевизијата БТВ објасни во што бил проблемот со нивните македонски колеги.



„Кога знаеш дека два и два прават четири, а спроти тебе има некој кој се обидува да те убеди дека прават пет, тешко е да го убедуваш. Не губиме надеж дека порано или подоцна можеби кај нив ќе се разбуди желба да постигнат позначајни резултати и решение за сите прашања што ќе бидат прифатливи за двете општества“, изјави тој.

Научникот, писател и дипломат се осврна и на најновото затегнување на односите меѓу двата соседа по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид.

„Се зборува дека тој имал врска со дрога. Тоа се измислени обвинувања кои имаат за цел да ја намалат тензијата на обвинувањата против оваа земја и ова општество кое дозволило тоа да се случи“, смета тој, не пропуштајќи ја и оваа пригода уште еднаш да упати отровни стрели кон „браќата“ отаде границата.

„Општеството и медиумската политика на таа земја се болни од ѕверски антибугаризам. Тоа не би требало да нè демотивира во нашата желба да им помогнеме на ова општество и на оваа земја“, рече Топалов за БТВ пред да поентира: „Понекогаш се прашуваме дали оваа земја и ова општество навистина сакаат да влезат во ЕУ или само се преправаат и бараат каква било можност да го попречат нашиот напор да им помогнеме. Понекогаш сметаме дека сме во право кога мислиме оти нивната политика не ја креираат самите тие и кога нашите државници разговараат со Скопје треба да знаат дека разговараат со Белград, а зад Белград стои уште поголем брат“.