Со неверојатна игра Ѓоковиќ десетти пат се пласира во полуфиналето на Австралијан опен!

Најтрофејниот тенисер на Австралијан опен, Новак Ѓоковиќ, десетти пат се пласира во полуфиналето на гренслемот во Мелбурн, откако за два часа го надигра Русинот Андреј Рубљов, во три сета.



Изгледаше прелесно за Ѓоковиќ, особено ако се гледаат првите два сета, кои завршија со 6-1, 6-2. Во третиот, Рубљов пружи малку посилен отпор, но Ѓоковиќ направи брејк уште во првиот гејм, па противникот не успеа да се врати и сетот резултира со 6-4.

„Првите два сета не се реална слика за овој меч, Рубљов е многу подобар од тоа. Еден брз тенисер, со еден од најдобрите форхенди на светот, ми беше многу потешко од тоа што резултатот го кажува. Сепак, најважно е тоа што ја пронајдов својата игра, го играм најдобриот тенис што можам во моментов“, изјави Ѓоковиќ по победата.

Во претходните девет пласмани во полуфиналето во Мелбурн, тој не само што успеваше да дојде до финалето, туку ја освојуваше и титулата, затоа е голем фаворит и овој пат да стигне до целта. Противник во финалето, в петок, ќе му биде изненадувањето на турниров, 25-годишниот Томи Пол од САД.