Руската војска ќе ги уништи американските тенкови „М1 Абрамс“, како и друга воена опрема на НАТО, доколку американската администрација одлучи да ѝ ги достави на Украина, изјави рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов во вторникот коментирајќи ги извештаите на американските медиуми за можна испорака на тенкови во Киев.
„Нема сомнеж дека ако се донесе одлука за предавање на „М1 Абрамс“ на Киев, американските тенкови ќе бидат уништени од нашата војска на ист начин како што се уништени сите други машини на НАТО“, рече тој.
Според него, администрацијата во Вашингтон „дава зелено светло за користење на американската помош за напад на Крим“ и „ги прикрива злосторствата на радикалите врз населението во регионите Донбас, Запорожје и Керсон“.
„Се повеќе функционери и експерти во Америка признаваат дека ова е „марионетска војна“ со нашата земја“, рече Антонов, без да се осврне или да ги цитира тие изјави.
„Доколку САД решат да испорачаат тенкови Абрамс, веќе нема да може да се оправдува таков чекор со тезата за „одбранбено оружје“.
Ова ќе биде уште една дрска провокација против Руската Федерација. Никој не треба да има илузии за тоа кој е вистинскиот агресор во сегашниот конфликт“, наведе амбасадорот.







