Анализирајќи го интензивирањето на македонско-бугарските односи во последно време, грчкиот портал „Либерал“ излегува со став дека тоа би можело да биде позитивно за грчките интереси.
„Какви последици може да има интензивната вклученост на Бугарија во внатрешните и во меѓународните проблеми на Скопје? Оптимистичкото сценарио е дека Софија, поради членството во НАТО и во ЕУ, ќе го забрза пристапот на БЈРМ во евроатлантските институции откако ќе се реши (и како?) прашањето за името. Песимистичкото сценарио предвидува дека Албанците ќе ги интензивираат конфликтите со Словените во државата, без исклучување на кантонизација на БЈРМ и создавање албански, бугарски, српски кантон итн.“, пишува „Либерал“ и потоа поентира.
„Бугарската динамична интервенција очигледно го намалува влијанието на Грција во Скопје, кое главно се сведуваше на економска дипломатија. Од друга страна, тоа би можело да биде позитивно за грчките интереси, кои постојано го разоткриваат вештачкиот ‘македонски’ идентитет. Кога ќе видиме како голем број лажни Македонци се изјаснуваат за Бугари, тогаш ќе имаме причина да не ја легитимизираме Титовата идеологија за ‘македонска националност’“, заклучува порталот.





