
До крајот на неделава лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари чека одговор од премиерот Димитар Ковачевски дали се прифатливи нивните услови Алијанса да стане дел од Владата или ќе остане во опозиција, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од Алијанса за Албанците.
Ковачевски ќе треба да се изјасни дали бараните министерства ќе ги отстапи, како и за пакетот закони што како услов Tаравари ќе ги стави на маса пред премиерот. Вечерва Ковачевски треба да ги информира партнерите од коалицијата, предводена од СДСМ, а со претседателот на владиниот партнер Алтернатива Африм Гаши ќе се консултира откако ќе почнат преговорите со опозициската партија. И АА се очекува на Централно претседателство да го официјализира тимот за преговори со премиерот Ковачевски.
„До крајот на неделава очекуваме да добиеме одговор од премиерот Ковачевски за контурите на ресорите со кои ќе раководи Алијанса за Албанците ако стане дел од власта и за пакетот реформски закони, кои се наш услов за влез во Владата. Инсистираме да се донесат закони за конфискација на нелегално стекнат имот, како и да се спроведе ветинг во правосудството, политичарите, МВР и безбедносните служби и него да го спроведе посебна институција“, рече висок функционер на АА.
Според информации од Алијансата, за влез во Владата ги бараат на министерствата за правда, здравство и екологија, односно трите владини партнери СДСМ, Алтернатива и ДУИ да отстапат по еден ресор. И додека ресорите правда и екологија се фиксни, отворени се за разговор за министерството за здравство, бидејќи не сакаат да се најдат во ситуација Алијанса да ја брка Алтернатива од Владата. Во таков случај Алтернатива, која засега не отстапува ниеден од трите ресори, а во никој случај не сака да отстапи од здравство, ќе треба да се збогува од информатичко општество или ресорот за дијаспора.
Од СДСМ потврдуваат дека разговорите со Алијанса ќе се интензивираат. Ковачевски не прецизира дали на средбата ќе го отвори прашањето за проширување на владиното мнозинство, но можно е тоа да го сторат помалите владини партнери. Тој рече дека ќе го информира владиниот партнер Гаши за евентуален влез на АА во Владата кога ќе почнат конкретни преговори за кадровските и програмските определби.





