Премиерот Димитар Ковачевски денеска пред медиумите како одговор на новинарско прашање рече дека изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, дадена пред шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во Софија, се однесувала „на некои минати времиња“.
Во Македонија се враќаат црните традиции на палење, стрелање и насилство врз луѓето, изјави Милков после заедничката посета на повредениот Христијан Пендиков во Софија заедно со Османи.
По ваквата изјава, јавноста побара реакција од Османи, но пристигнаа и критики до премиерот Ковачевски зошто го оставил македонскиот министер да ја толерира таа изјава од бугарскиот колега.
– Најпрвин, тоа што го кажува министерот за надворешни работи, јас детално ја видов неговата изјава, каде што тој алудира на некои минати времиња. Појаснувањето на таа изјава – на кои времиња точно мисли, ќе мора да даде самиот министер за надворешни работи на Република Бугарија, со оглед на тоа дека во нашата држава на врвно ниво е издигнато владеењето на правото, демократијата и пред секој немил настан инстотуциите реагираат, гласеше одговорот на Ковачевски.





