Нема причини за загриженост од сојот на коронавирусот наречен „Кракен“ кој, иако е високозаразен, не предизвикува потешки последици.
Коронавирусот постојано мутира за да опстане, но наспроти тоа, пандемијата е завршена, напиша Д-р Драган Даниловски на својот профил на Фејсбук.
Реакцијата на Даниловски доаѓа откако вчера се појави информацијата дека во Гевгелија е изолирана подваријантата на Омикрон, XBB. 1.5, популарно наречена „Кракен“.
„Попладнето, наеднаш, бев опсипан со обраќања од загрижени граѓани, кои ми бараа објаснување за вознемирувачката вест што ја прочитале во некои портали, а таа е дека: „Значи, состојбата во првите денови е слична како кога ќе фатиме грип или кога ќе настинеме. Сепак, во наредните денови ситуацијата почнува брзо да се комплицира и на скоро сите заразени лица на крајот им е потребна хоспитализација.”
Останав запрепастен- пишува Д-р Даниловски. Првиот дел е точен, дека симптомите на кракен се слични како кај грип или настинка.
Вториот е лага!
Апелирам до граѓаните да си останат спокојни, да си продолжат без страв со секојдневниот живот и да не веруваат на несериозни портали.
Единствено останува препораката, тие што ќе пројават симптоми (кашлање, кивање, растечен нос), да се придржуваат до т.н. респираторен бонтон. Тоа подразбира да си стават маска кога се движат меѓу луѓе во затворен простор (особено во автобуси), а ако имаат покачена температура, да си останат дома“, вели меѓу другото Даниловски во објавата на Фејсбук.







