Ние не се бориме за директорското место, за политички партии и избори, се бориме за Здраво млади, се бориме за Синедејс, се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ што се случиле во последниве 50 години“, порача колективот „Гола планина“, организатор на денешниот протест пред Младинскиот културен центар во Скопје.
Да не се политизира МКЦ, да не му се скратува буџетот, да нема притисоци, финансиски инспекции, ревизии, побараа денес „сите ентузијасти и љубители на независната култура“, кои заедно го искажаа незадоволството.
Денеска на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје музичари, уметници, културни работници и скопјани протестираа против обидите за политизација на оваа културна институција и кратење на парите.
Мотото на протестот што организираше музичкиот колектив „Гола планина“ беше „Сите за МКЦ“. Организаторите велат дека целта била да се соберат сите ентузијасти и љубители на независната култура за заедно да го искажат своето незадоволство.
Повод за овој протест беше минатонеделната смена на директорот на МКЦ, Ванчо Богоев поради тоа што не подлегнал на притисоците од страна на Град Скопје, да го вработи Арбен Шаќири- Бени.
Вработените се пожалија на финансиски инспекции, ревизии и намален буџет како дел од притисоците што се вршат врз нив. Тие посочија и дека новиот директор назначен од градоначалничката Данела Арсовска е дипломиран детектив, без поранешно работно искуство во културата.
На протестот се потпишуваше и петиција која ќе биде доставена до Град Скопје и Министерството за култура.







