„За прв пат во историјата, полициските службеници сместени во објектот во Ѓорче Петров и Центарот за обука во Идризово ќе јадат храна која ќе биде набавена од страна на приватна компанија, основана токму со финансиска поддршка од владата на СДСМ иако МВР има свои кујни“, обвини поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој прилчожи документ за кој тврди дека е Договор за набавка на храна, кој според него бил склучен „МВР на Оливер Спасовски и фирмата Индустри сервис, а со кој му се дава право на Министерството за внатрешни работи да потроши до 7 милиони и 150 илјади евра за исхрана“.
„Се работи за бонбона бизнис со оглед дека само во Центарот за обука на дневна основа ќе се дистрибуираат нешто помалку од 1.000 оброци.
Дали можеби ваков договор е склучен со компанијата Индустри сервис, затоа што истата и претходно имала бизнис релации со власта. Имено, истата добила грант од 10 милиони денари од Владата на СДСМ за изградба на својата фабрика.
Сега истата таа фабрика, односно фирма добива договор од МВР, за носење на храна во само еден објект во Идризово од над 7 милиони евра, што е повеќе од првичната инвестиција.
Додека во објектите на МВР има кујни со новонабавена најсовремена опрема за приготвување и складирање на храна токму во периодот кога Оливер Спасовски бил министер, а која ги исполнува сите ХАСАП стандарди, сега истиот тој Спасовски фрла милиони евра на тендери за исхрана“, обвини Чулев.







