Столтенберг во Рамштајн: Мора итно да ја засилиме поддршката за Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг учествуваше на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина предводена од САД

Со состанокот претседаваше американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, а започна со видео обраќање на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.



Генералниот секретар Столтенберг изјави дека Русија не покажува знаци дека се подготвува за мир, туку напротив, тие се подготвуваат за долга војна. Затоа, нагласи генералниот секретар, итно е дополнително да се засили воената поддршка, за Украина да победи и да ја ослободи окупираната територија. „Како и повеќето војни, ова најверојатно ќе заврши на преговарачка маса“, рече Столтенберг, „но она што се случува во преговорите е директно поврзано со она што се случува на бојното поле, така што сега треба да ѝ испорачаме повеќе оружје на Украина“.

Столтенберг му се заблагодари на секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин за раководството на Соединетите држави во обезбедувањето многу значајна воена помош за Украина. Тој ги поздрави неодамнешните најави дадени од други сојузници и партнери на НАТО, вклучително Германија, Франција, Канада, Данска, Холандија и Шведска во врска со воздушната одбрана, борбените возила за пешадијата и оклопните возила. Тој, исто така, го поздрави тоа што Британија, Франција и Полска се подготвени да испорачаат моќни борбени тенкови и лесни тенкови и ги повика сојузниците и партнерите да го следат нивниот пример. Генералниот секретар, исто така, повика на континуирано снабдување со муниција, резервни делови и одржување, како и обука. Генерално, тој истакна дека земјите од Контакт групата обезбедуваат „масовен пакет на борбени способности“ за самоодбраната на Украина и дека консултациите ќе продолжат.

Генералниот секретар, исто така, ја подвлече важноста од засилување на несмртоносна воена помош, истакнувајќи дека Сеопфатниот пакет за помош на НАТО. НАТО обезбедува гориво, храна, медицински материјали и друго за Украина.

Генералниот секретар истакна дека сојузниците на НАТО треба да го зголемат производството на оружје и муниција и брзо да ги надополнат залихите. Тој истакна дека Алијансата тесно соработува со индустријата за таа цел и дека набавките ќе бидат клучна тема на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во февруари.

За време на престојот во Рамштајн, генералниот секретар се сретна и со украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников и со новиот германски министер за одбрана Борис Писториус, објави НАТО.