Синдикатите и работодавачите со различни гледишта на новиот предлог-закон за работни односи. Сите се вклучени во дијалогот, но не се задоволни од компромисните решенија кои ги понудило Министерството за труд.
Од ССМ велат дека голем дел од барањата им се прифатени, но останале уште 40-тина забелешки. Најголем дел од нив се однесуваат на измените на времетраењето на договорите на определено време, колективните договори и формулацијата за породилното отсуство.

„Како синдикат пет години наназад сме многу гласни дека договорите за вработување треба да бидат склучени најмногу до 1 година и да се спречат сите злоупотреби кои се случуваа особено во време на пандемија и губење на работните места токму по овој тип на договори за вработување. На мала врата Министерството за труд и социјала сака да ги укине колективните договори и на тој начин да остави на цедило околу 600.000 вработени во приватниот сектор и околу 138.000 вработени во јавниот сектор. Тоа е поразително и катастрофално за унапредување на работничките права“, вели Слободан Трендафилов, ССМ.
Од друга страна, пак, работодавачите ѝ забележуваат на Владата дека е повеќе наклонета кон барањата на работниците, без да ги земе предвид нивните аргументи дека повеќе одредби создаваат конфузија и треба да се допрецизираат.
„Пробавме да прецизираме одредени одредби кои во сегашниот закон создаваа недоумици или различно толкување. Не сум сигурен дека целосно успеавме во тоа. Тоа ограничување да се склучат само три договори на определено време за две години ќе створи одредени проблеми кај компаниите – а друго е прашањето дека имаме вработувања на луѓе на проекти кои по правило траат околу три години. Што ќе се случи со тие вработени? Имам впечаток дека повеќе се задоволуваат потребите на синдикатите отколку на работодавачите и мислам дека синдикатите немаат право што реагираат вака на овој закон“, вели Ангел Димитров, Организација на работодавачи.
Со новите измени, договорите на определено време смеат да траат 2 години а не 5 како досега и за тој период работниците смеат да склучат најмногу 3 анекси. Во основната плата се предвидува и задолжително пресметување и на минат труд, а породилното отсуство се дели на задолжителни 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско – кои мајката и таткото може да ги користат наизменично или заедно. Министерката Тренчевска очекува дебатата по предлог-законот да заврши до средината на февруари.





