Директорката и главна уредничка на телевизијата Телма, Снежана Лупевска-Созен, реагира на приклучувањето на премиерот Димитар Ковачевски кон нападот врз медиумот од неговиот партнер во Владата, Али Ахмети.
„Наместо да го осуди поттикнувањето на говор на омраза од страна на неговиот коалиционен партнер Али Ахмети, кој на партиската трибина во Гостивар без никакви факти и докази ја нарече Телма ‘непријатели на Албанците’, премиерот Димитар Ковачевски ја осуди уредувачката политика на Телма, напаѓајќи ја нејзината независнност. Со ова е загрозена безбедноста на вработените во Телма, а истовремено премиерот Ковачевски од позиција на власт го воскресна тоа што не требаше да се повтори, етикетирање на медиуми и загрозување на слободата на изразување“, порача Лупевска-Созен преку Фејсбук.






