Ароганцијата на Рама воопшто не е нова ама, сепак, има зошто токму сега тој се осилува

Сосема разбирливо, новата покана на албанскиот премиер, Еди Рама, лидерите на албанските политички партии од Македонија да одат на „баци рака“ кај него, наиде на бројни и различни реакции. Како и секогаш, албанските политичари, аналитичари, новинари… со сите сили настојуваат настанот да го претстават како нешто највообичаено, демек, да се одбележат празниците… Тоа нема никаква врска со вистината и е само нов доказ за нивното единство околу големоалбанските национални интереси.
Но, каде Рама ја направи клучната и непростлива грешка, која му ги откри сите скриени намери и планови? Тоа е учеството на министерката за надворешни и европски работи, Олта Џачка. Со нејзиното присуство, средбата доби едно државен, сеалбански карактер, за прашања клучни за македонската држава. Без Џачка на неа, како средба на политички лидери, дури можеше и да се мавта како за нешто што може да се проголта. Ама, вака… Впрочем, и без неа, настанот е крајно неприфатлив и навредлив за нашата земја, ама таа ја откри суштината.
За среќа, и во овој случај, со малку поопстојна анализа, лесно се доаѓа до вистината. Неспорно е дека настанот воопшто не е случаен туку е резултат на трајни и долгорочни, мегали политики на Албанија, започнати некаде во 1950-тите. Жално е што, како и многу пати досега, македонските политичари немаат поим што се случува и каква судбина му се крои на македонскиот народ. Не само од Тирана. Еве зошто.
Прво, Рама ни покажа дека тој и неговата влада доминираат и во Македонија, која мора да ги следи нивните интереси; дека Тирана е носител на евроинтеграцијата на Албанците од регионот, игнорирајќи ја улогата на Македонија; и, над сѐ- дека тој е носител и менаџер на големоалбанскиот проект.
Второ, оваа иницијатива на Рама отворено го реафирмира нивниот патернализам кон сите Албанци во регионот. Истиот, не само што не стивнува туку турбо продолжува и сега нивниот главен интерес е во Македонија. Резултатите се веќе тука – процесот на албанизација на нашата држава е при крај и, по неуставно воведената двојазичнот, нејзината формална федерализација е веќе само техничко прашање.
Трето, потегот на Рама е маестрален доказ дека големоалбанскиот проект останува централна политичка цел на Тирана, ама и на сите албански политичари во регионот. Впрочем, во дадените услови, кога на очиглед на светот се бришат Македонците, тоа е и сосема логично во однос на нас.
Четврто, иницијативата на Рама е директна шлаканица за Македонија и тешка навреда за нејзината власт. Во основата, тоа е флагрантно мешање во нашите внатрешни работи и негирање на нашиот државен суверенитет. Реакцијата на Пендаровски и на Ковачевски дека Рама бил наш докажан пријател е прво смешна а дури потоа трагична. Тие ја поздравуваат средбата место, барем, благо да ја осудат или да изразат одредена резерва или дилема, или да предложат некаква заедничка, меѓудржавна алтернатива… Така мора да биде кога, веќе, директно и отворено не го прашуваат Рама – која му е целта? Што сака да постигне? Нивната реакција покажува до која мерка Македонија е денес навистина ЗАРОБЕНА ДРЖАВА, како никогаш досега. Замислете, тие немаат никаков маневарски простор, да го оспорат безобразието на Рама и да ги бранат фундаменталните интереси на македонскиот народ и државата. Ееееј, до каде нѐ (и се) дотераа!?
Петто, премиерот изгледа заслепен од малиот и опасен ќар кој тој и неговата партија можат да го добијат околу поддршката на уставните промени и следните можни коалиции. „Огнената група“ мудро советува дека за една болва не се гори јорганот, ама кој да разбере?
Шесто, на Пендаровски и на Ковачевски – а) изгледа не им е јасно дека Рама е прво Албанец и борец за интересите на неговата земја, за разлика од нив и владеачката партија кои, сѐ што е македонско, расфрлаат за џабе; б) не сфаќаат дека во политиката – нема пријателства; и в) ама и главно, дека уставните промени се многу поважен и долгорочен интерес за Албанија и за Албанците, отколку за Македонија и за Македонците. Уставните промени се замислени како клучен исчекор во разнебитувањето на Македонците и нивно бугаризирање. А, нема полесен начин за финализирање на Голема Албанија од бришење на Македонците како народ. Не треба да има дилеми дека проектот за бугаризација на Македонците не е замислен ниту во Тирана, ниту во Софија, туку во Вашингтон. Потоа, по обичај, како извршител се јавува Брисел, како докажан американски сателит и слуга, додека соседите се нашите трајни волци. Голема е веројатноста дека крајно неосновано наметнатата промена на Уставот е резултат и на дел од албанските интереси, протежирани од Вашингтон.
Седмо, ни останува да се надеваме дека уставните промени нема да успеат, ама вистинските последици, освен за државата, ќе бидат погубни и за Ковачевски и за СДСМ. Македонскиот народ не е слеп и гледа – а) што сѐ ни прават соседите; б) како секојдневно нѐ резилат; в) како нѐ третираат како недоветен партнер. Огромно мнозинство во земјава е свесно дека, на крајно безобразен и бескрупулозен начин, на наша сметка, соседите ги реализираат сите своите историски синдроми, додека нашата власт – молчи. Се прави отсутна. Сето ова има своја висока цена и власта ќе мора, дај Боже најскоро можно, и да ја плати на избори.
Осмо, што се однесува, пак, до промената на Уставот, тоа е крајно непотребно избрзување, и нова срамна капитулација за земјата, ама и за сите нас. Речиси со апсолутна сигурност може да се тврди дека Македонија, барем следните 20 години, нема да влезе во Унијата. А, да го менуваш Уставот за нешто што нема да се случи толку долго време а, можеби и никогаш – не изгледа баш дека е мудра политика. По две децении, и Европа, и светот, ќе изгледаат сосема поинаку. Прашање е дали и каква Унијата ќе постои до тогаш? Да повториме – промената на нашиот Устав, и отворањето на процесот на бугаризација на македонскиот народ, освен за Софија, моментално е нагласен и приоритетен интерес и на Албанија. Во тој контекст канеше и Рама. За Македонија, промената ќе донесе само нови понижувања и порази, без никаква корист.
Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски на следниот линк:





