Ахмети и Ковачевски координирани во нападите врз Алфа и Телма

Иако не им ги спомна имињата и премиерот Ковачевски со напад врз Телма и Алфа ТВ медиуми кои само десетина часа предходно остро ги нападна и лидерот на ДУИ Али Ахмети,



Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика која тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација, рече премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција во Владата, прашан како ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека Алфа и Телма се „непријатели на Албанците“.

„Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување ќе треба да го прашате него бидејќи за медиумите и јас имам свое лично мислење, така што единствено можам да кажам за моето лично мислење за тоа како одредени медиуми се однесуваат. Тоа ќе го прашате господинот Ахмети. Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика која тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“, објасни Ковачевски.

Откако новинарите му забележаа дека не е во ред да се напаѓаат медиуми, од моќната позиција премиер, бидејќи на тој начин сите новинари се чувствуваат загрозено, Ковачевски се обиде да се извади од гафот.

„Прво, вие сте свесни дека ние сме држава којашто има апсолутно унапредено транспарентност. Владата има стопроцентно унапредена транспарентност, значи институцијата што јас ја водам и сум многу свесен за значењето на транспарентноста. Број два, јас не спомнав ниту еден конкретен медиум. Ако некој се препознал, тоа е една работа, меѓутоа јас не спомнав ниту еден медиум. Второ, јас сум 12 месеци премиер и не се случило кој било уредник од мене да добие телефонски повик или кој било новинар да добие телефонски повик. Тоа може сите вие да го потврдите. Така ќе биде и во иднина. Ниту ќе се случи ниту се случило да има какво било влијание од мене или од Владата врз работата на медиумите во државата и секогаш нивното работење треба да биде согласно со закон и согласно со регулативите и со институциите коишто се задолжени за нивно регулирање, а тие се независни од Владата. Така што, медиумите можат да си ја работат својата работа така како што сметаат. Директор на национална телевизија за мене имаше изјава со квалификации за мене и јас не реагирав на тоа, бидејќи сметам дека директор на телевизија треба да го каже тоа што го мисли“, рече премиерот Ковачевски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на синоќешната трибина во Гостивар порача дека телевизиите Телма и Алфа биле „непријатели на Албанците“.

Говорејќи за судирот во редовите на партијата, каде што група партиски функционери предводени од поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, остро се спротиставува на неговите најблиски соработници, пред сè на вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Ахмети повика на единство и смирување на страстите.

„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма, мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“, рече Ахмети.