
Македонските репрезентативци мораа да проголтаат уште еден тежок пораз на Светското првентво, во Краков, овој пат од Холандија со 24-34, но тоа што ги боли не е само минусот од 10 гола, туку и леснотијата со која се урива нашата игра во текот на мечот.
Еден од поискусните, од предводниците на оваа генерација, Филип Кузмановски, в немоќ креваше раменици велејќи дека не знае да каже веќе каде е проблемот, а очигледно го има.
„Искрено не знам што е проблемот, но вака веќе не може. Сите напредуваат, а ние до каде сме ние… Се задоволуваме само со пласман на големите натпреварувања, со тој континуитет. Не сакам да доаѓам овде и да губам по десет разлика на сите натпревари. Нешто не функционира во нашата игра. Јас кога ѝ се приклучив на репрезентацијата почитував се што ќе кажеа постарите имаше некој однос. Се гинеше од борбеност, Ацо Јоноски сега им го кажува тоа на помладите, ама како да не се објаснува тоа, како тој и Велко Маркоски играа одбрана, играа машки бре. Сега ко да ни фали машкост, се обидувам тоа да им го кажам на помладите, ама… Треба побрзо да учиме, ракометот оди напред, ако ние не фатиме приклучок ништо не сме направиле. Играме за репрезентација, пред очите на целата Македнија и играме вака…но повеќе не е важно кои се млади и стари има само добри и лоши. Не знам што е, зошто играме вака. Можеби се плашат играчите да не го загубат местото во репрезентацијата, па не ризикуваат, се плашат да не погрешат…“, изјави Кузмановски.
Веќе е симптоматичен тој пад во играта по 20 минути, како против Норвешка, така и со Холандија, но Кузмановски вели не е до физичката подготвеност.
„Кога се приклучив на репрезентацијата на 28 декември најдов една навистина подготвена репрезентација и сега сме подготвени, а кога ќе дојде натпревар играме 20 минути и потоа ништо не функционира, ни нападот ни одбраната. Сега сум под емоции и навистина не знам да кажам каде се грешките, ама едноставно едно се договараме, друго се случува. Навистина нам ни е потребна помош од играчите кои ќе влезат од клупа. Нема изговор за десет разлика, навистина е разочарувачки. Мислам дека уште не се шансите изгубиени, играме со Аргентина, да излзеземе и да победиме, за нас самите да победиме“, посака средниот бек.,
Тој не може да сфати како работите не функционираат кога половина од репрезентацијата заедно со селекторот се дел од ист клуб и ја играат истата игра.
„Половина од играчите играат во еден клуб, и ја играат истата игра како што треба да ја играме во репрезентацијата. Селекторот не ни треба да им објаснува многу бидејќи тие веќе ја знаат играта, но не знам зошто не функционира ништо на теренот“.





