Шестата селекција на претходниот мундијал за ракометари Норвешка беше пресилна за Македонија на стартот од 28. Светско првенство во Полска и во Шведска, од која „црвено-жолтите“ загубија со 39:27 во Краков.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров беа рамноправни до 19. минута, кога на семафорот во „Таурон арена“ стоеше 9:9, но исклучувањето на десниот бек Мартин Серафимов потоа планетарниот вицешампион од 2017 и 2019 година го казни со три врзани кола и уште на паузата го навести триумфот со водството од 18:11.
Подмладениот македонски состав во завршницатa намали на 30:24, пред да се распадне во финишот и да дозволи (пре)убедлив пораз.
Како и во подготовките, одбраната повторно не беше на висината на задачата, а во нападот левиот бек Филип Талески со 7/11 беше најефикасен на средбата, левото крило Дејан Манасков имаше ефект 5/8, а пикерот Костадин Петров пријатно изненади со реализацијата на сите четири обиди.
Пласманот меѓу првите три тима во групата Ф што одат во следната фаза на шампионатот останува да се бара в недела од 18 часот против Холандија, која славеше со 29:19 против Аргентина, последниот ривал на Македонија во прелиминарната фаза.






