Нема што граѓаните да знаат за кандидатите за амбасадори

Според премиерот Димитар Ковачевски, граѓаните не требало да знаат кои се кандидати за амбасадори на Македонија во странство.



Тој смета дека изборот, акредитацијата и упатувањето на амбасадори не е нешто што се коментира во јавноста, од причина што и самите одлуки се носат на затворени седници на Влада.

Ова тој го изјави запрашан дали доскорешниот директор на АНБ Виктор Димовски ќе замине на амбасадорското место во Париз или неговото име е веќе тргнато од листата кандидати за амбасадори.

Ковачевски рече дека конкретни именувања и упатувања се прават врз основа на завршена целосна постапка и смета дека треба така и да остане.

„Во моментов имаме повеќе испразнети амбасадорски места и тоа во клучни престолнини во Европа, кои што се наши стратегиски партнери и нормално дека во рамки на своите надлежности, заедно со претседателот на државата и министерот за надворешни работи, правиме консултации со цел овие места да бидат пополнети“ рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по најавата на првата нова инвестиција во ТИРЗ.

За случајот „Онишченко”, Ковачевски рече дека новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) веќе имал информација до Комисијата за надзор на безбедносните служби во Собранието.

„Нормално, јас немам извештај од тој состанок, со оглед дека се работи за затворен состанок. Меѓутоа, на една од наредните седници на Владата, со оглед дека не беше завршено излагањето на претходниот директор, новиот ќе треба, исто така, да поднесе извештај, се разбира пак, на затворена седница на Влада“, изјави Ковачевски.