Никако да се расчисти дилемата зошто компанијата задолжена за набавка на гас за загревање на скопјани реши да плати поголема сума пари за овој енергенс, и тоа во услови кога нејзината цене на берзите не престанува да се намалува.
А, додека тоа се уште не е јасно, се отвораат и нови дилеми на кои надлежните ќе треба да дадат одговори, особено околу тоа кој ни гарантира дека доколку цените на гасот повторно почнат да растат, ќе продолжи непречено обезбедувањето на овој енергенс.

Во текот на вчерашниот ден, првиот човек на државните електрани, Васко Ковачевски, потврди дека иако не ја знае точната дневна цена на природниот гас, таа сигурно е помниска од онаа која во моментов ЕСМ и ја плаќа на бугарската компанија Балкан Јутилитис. Сепак, првиот човек на ЕСМ има оправдување за тоа, а според него тоа е фактот дека на повикот за набавка на гас за јануари, Јутилитис дале најниска понуда.
„Не знам денеска точно колку е цената на берзата, но претпоставувам дека е пониска од цената по која што го имаме набавено гасот. Но , во моментот на носење на одлука за избор на најдобар понудувач за природен гас за месец јануари имавме две понуди. Едната беше на бугарската компанија „Јутилитис“ која понуди 115,97 евра за мегават час, фиксна цена. Втората беше од „Макпетрол“ со 116,20 евра за мегават час, цена која не е фиксна“, рече Ковачевски.
А, она што повеќе медиуми досега го имаат објавено, е дека државната ЕСМ, според направените математики, ќе треба да плати повеќе за околу еден милиони евра, токму од причина што ја избраа бугарската понуда со фиксна цена, притоа одбивајќи ја понудата на домашниот снабдувач, кој нудеше токму флексибилна цена, односно таква што ќе се менува согласно со движењата на берзите.
Токму и од тие причини се поставува прашањето, што ќе се случи доколку сега, пак, се зголеми цената на гасот на светските пазари. Имено, дали Балкан Јутилитис, која нудела фиксна цена, и во тој случај ќе ги набави и испорача потребните количини. И дали за тоа некако и се гарантира на државата, во смисла на доставена банкарска гаранција. Дотолку повеќе, пак, што се работи за фирма која имала загуби во своето работење.
Според Ковачевски, банкарска гаранција од Балкан Јутилитис постои.
„Ние имаме добиено банкарска гаранција и за количините и за набавката на гас. Доколку економски оператор не испорачува природен гас согласно догворот, тогаш ќе ја активираме банкарската гаранција која што го покрива договорот за јануари“, вели Ковачевски.
Токму од тие причини, Фактор се заинтересира за кавка банкарска гаранција станува збор.
Од тие причини, до државната ЕСМ испративме неколку прашања, и тоа која банка ја издала банкарската гаранција, како може една банка да даде банкарска гаранција на фирма која во изминатите години работела со загуба, но и се интересиравме дали ние како медиум можеме да добиеме, а преку нас и јавноста, увид во банкарската гаранција.
Од компанијата најавуваат одговори за текот на денешниот ден, а штом ќе ги добиеме, ќе ги објавиме во целост.





