Поранешниот министер за внатрешни во експертската влада и екс-директор во Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев оценува дека синоќешното бегство на затвореник осуден на 20 годишна затворска казна претставува уште еден доказ за „крах на безбедносниот систем“ .
Истовремено, на актуелниот министер Оливер спасовски преку статус на Фејсбук му замера дека не се огласил по синоќешниот инцидент во кој бил потешко ранет полициски службеник.
„Дали Оливер Спасовски знае колку вреди еден човечки живот“, прашува преку Фејсбук-статус Наќе Чулев.

Фактот дека утрово нема никаква реакција од негова страна за полицискиот службеник кој е повреден вчера вечер на автопатот кон Скопје, говори за неговата негрижа за вработените во Министерството за внатрешни работи и останатите полициски службеници. За него, многу поважен е бројот на изречени санкции, казнети граѓани, и земени пари од џебот на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај.
Уште еден крах на безбедносниот систем е вчерашното бегство на затвореник осуден на повеќе од 20 години затвор. Настанот кој се случи вчера е уште една во низата потврди дека намената на безбедносниот систем креиран и контролиран од кадрите на СДСМ е да ги штити и да биде логистика на криминалците блиски до оваа политичка партија’, пишува Чулев на Фејсбук.
Јавноста секојдневно бара одговори на прашањата уште колку вакви настани треба да се случат, за конечно Оливер Спасовски и луѓето околу него да понесат одговорност. Сведоци сме на секојдневните криминали кои се случуваат во полицијата, уништување на безбедносните структури, деградирање на полициските службеници и ниските плати. Вчерашниот настан е уште една потврда за тоа.
Не се потребни истраги и внатрешни контроли, јасно како ден е дека спрегата помеѓу криминалот и политичарите на власта е посилна од било кога. Оливер Спасовски и партиските директори на безбедносните институции на дело ја покажуваат оваа спрега, преку секојдневните скандали кои ги гледаме во јавност.
Почитувани, животот на човекот нема цена. Тој е позначаен од било што. Од било кој ПР и од било која кариера. Одговорност и оставки мора да има.
На нас, граѓаните одамна ни е преминат прагот на партиски злоупотреби, партизирани институции, криминал и корупција. Време е за промени во Македонија“, пишува Чулев.






