Соработниците на американскиот претседател Џо Бајден открија нова серија доверливи владини документи, што го зголемува политичкиот срам за Белата куќа, коментира Би-Би-Си.
Првичната серија од околу 10 документи беше откриена во ноември минатата година во „Пен Центарот – Бајден“, тинк-тенк во близина на Белата куќа, но тоа беше обелоденето дури оваа недела.
Документите, наводно, вклучуваат белешки од американското разузнавање и разузнавачки материјал поврзан со Украина, Иран и Обединетото Кралство.
Белата куќа допрва треба да коментира за новооткриената серија. Претходно во средата, прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер одби да одговори на прашањата во врска со ова.
„Тоа го разгледува Министерството за правда“, рече таа. „Нема да одам подалеку од она што претседателот го сподели вчера.
Во вторникот, Бајден рече дека е „изненаден“ од откривањето на досиејата и дека „соработува“ со истрагата на Министерството за правда.
Спорот доаѓа кога демократскиот претседател се соочува со контрола од новото републиканско мнозинство во Претставничкиот дом на САД.
„Сега кога демократите веќе немаат еднопартиско владеење во Вашингтон, доаѓа надзорот и одговорноста“, рече во средата Џејмс Комер, новиот претседател на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом.
Комисијата започна истраги против претседателот и неговото семејство, вклучително и барање до Белата куќа да ги предаде документите и комуникациите поврзани со доверливите досиеја.
Законот бара сите записи од Белата куќа, вклучително и доверливите, да бидат предадени на Националниот архив на САД по завршувањето на мандатот на администрацијата.







