Иако најавена, средбата на која треба да се одлучи за амбасадорското место на Димовски не се одржа

За вчера најавената средба меѓу македонскиот претседател Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за консултации за одредени амбасадорски места не се одржа. Едно од прашањата кое овие тројца треба да го решат е дали ќе останат на одлуката македонски амбасадор во Париз да биде Виктор Димовски, чие име како поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност е поврзано со неколку скандали. 



Од кабинетот на претседателот Пендаровски потврдија дека иако најавена,  таква средба не се одржала.

„Тоа нема ни да биде еден посебен состанок на кој ќе се разговара за амбасадорските позиции, туку тоа се серија на консултации што претседателот вообичаено ги има со премиерот и со министерот за надворешни работи околу кадровски решенија за шефови на дипломатско-конзуларните претставништва, со оглед на тоа дека има повеќе празни амбасадорски позиции. Дополнително со претседавањето со ОБСЕ се отвораат и дополнителни обврски и активности, кои исто така ќе бидат дел од процесите на консултации. Што се однесува за Виктор Димовски, таа одлука ќе се разгледува во пакет со останатите решенија“, одговорија за МКД.мк од кабинетот на македонскиот претседател.

Прашањето за амбасадорското место на Димовски се отвори откако јавноста дозна како директор на АНБ дозволил Олександр Онишченко, украински и руски државјанин да добие македонски пасош. Се работи за лице кое е црната листа на САД на кои им е забранет влезот во таа земја и човек замешан во неколку криминални случаи во Украина. Амбасадори на неколку земји членки на НАТО во Скопје, на македонските власти им препорачале ова кадровско решение да биде поништено. Иако се очекуваше, досега Димовски не се изјасни дека решил да го отстапи амбасадорското место на некој друг.