Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божикни литургии.



Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ќе богослужи литургија на Св. Василиј Велики.

По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:

Возљубени чеда во Господа,

Божик, празникот на Христовото рождество, е ден на небоземна радост: Дева Го раѓа Христа – Сонцето на правдата; во витлеемската пештера се сместува Несместливиот; мудреците Го даруваат со скапоцени дарови Оној што ни го дари најскапоцениот дар – нашето спасение; ѕвездата Го озарува Оној што ги создаде сите небески светила, а пастирите се поклонуваат пред Оној што нè изведе од ропството на смртта и нè возведе на новото небо и новата земја, отворајќи ни го Своето Царство. Затоа, на овој ден, ликуваат сите и Го славословат Богомладенецот, „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек“.

Спасоносниот настан од таа неповторлива витлеемска ноќ е исполнување на времетo коешто се навестуваше од искони, на времето во кое историјата стана сегашност, а очекувањата – стварност. Ова ново време го оживотвори вековниот копнеж на старозаветните праведници и пророци; ова време го засени Законот, а ја возвиши благодатта; го запечати Стариот Завет, но го обзнани Новиот – Заветот на обновената љубов меѓу Бога и човечкиот род.

Со Христовото рождество сè е исполнето со радост и веселие: и ангелите и луѓето, и небото и земјата, зашто Бог стана човек, зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето4, за да ги воздигне кон Себе и за да ги направи учесници во Неговата слава.

Затоа, Божик е празник на радоста, празник на утехата и празник на благодарноста: Синот Божји стана Син човечки, за да го издигне човекот, кој беше потонат во своето себељубие, дарувајќи му ги бескрајните височини на Својата љубов во Царството небесно.