Папата Франциск им го честита Божик на верниците што го празнуваат утре

Папата Франциск упати честитка до православните и до католиците од источните цркви по повод претстојното Рождество Христово.



„Им упатувам срдечни честитки на заедниците на источните цркви, католички и православни, кои утре ќе го слават Рождеството Христово“, рече понтифот, обраќајќи им се на верниците од прозорецот на Апостолската палата по повод празникот Св. Богојавление, кој Римокатоличката црква го слави денеска.

Папата Франциск претходно денеска отслужи свечена литургија во катедралата Свети Петар по повод празникот Богојавление.

Еден од најголемите христијански празници Римокатоличката црква го слави на 25 декември според Грегоријанскиот календар. Македонската, Руската, Ерусалимската, Грузиската, Српската и некои други православни цркви го слават Рождеството Христово на 7 јануари (25 декември според јулијанскиот календар).