Почина прочуениот италијански фудбалер и тренер, Џанлука Вијали

Поранешниот италијански фудбалер и тренер Џанлука Вијали почина на 58-годишна возраст.



Вијали почина пет години откако првпат му беше дијагностициран рак на панкреасот.

Во текот на својата играчка кариера играше за Кремонезе, Сампдорија, Јувентус и Челзи, од 1980 до 1999 година.

Шампион на Италија беше со Сампдорија и Јувентус со кои ја освои и Лигата на шампионите, додека со Челзи ги освои англиските купови.

Брилијантниот напаѓач постигна 259 гола на 673 натпревари за клубовите за кои настапуваше. Важи за еден од најдобрите и најконстантни италијански голгетери во својата генерација.

Во последната играчка сезона тренерската кариера ја започна како играч-менаџер во Челзи, а потоа една сезона беше менаџер на Ватфорд.

Во последните години тој беше неформален член на стручниот штаб на италијанската репрезентација, а состојбата му се влоши на почетокот на месецот кога беше примен во болница.