Место со полн капацитет, едвај се работи со преполовен: Без одржување, енергетските постројки пак ќе се расипуваат

И покрај најавите за вклучување на сите расположливи капацитети во произвотсвото на електрична енергија оваа зима, на терен состојбите се драстично поразлични. Чести се испадите на блоковите, последно се расипа блок 1 во РЕК Битола, но дефект имаше и во Осломеј. Иако имаше најави дека во функција ќе бидат трите блока во РЕК Битола, но и дека термоцентралата Неготино ќе биде целосно во функција, овие најави се уште не се остварени, а зачестија и дефектите.



Ваквите случувања во енергетскиот систем во земајва се очекувани имајќи ја предвид староста на постојките, посочуваат енергетските експерти и додаваат дека поради староста потребна е значително повеќе нега, без која не можат да работат подолг период.

–  Без модернизирање и без редовно одржување на постојките неможат да работат подолг период. Но, не се прават сериозни напори за да работат на долг рок постојките. Гледаме дека често има испади, се поправаат одредени делови, па откажуваат дури делови, па ќе се поправаат новорасипаните делови. Властите ветуваа дека од есенва сите капацитети ќе работат, но тоа не се реализираше. Само блок 2 работи со полн капацитет во РЕК Битола. Првиот блок често се расипува, додека третиот се уште го чека новиот трансформатор. Од друга стрна и ТЕЦ Неготино работи со пола капацитет, не може да се стави целосно во функција – посочува универзитетскиот професор Константин Димитров.

Димитров за Фактор потенцира дека во ситуација кога капацитетите не се подготвени навреме за работа, тогаш е очекувано да има испади. Објаснува дека има протокол за работа на постојките и ако тој не се почитува има опасност да има испади и да се расипуваат деловите од постојките.

–  Се надеваме дека нема да се случат поголеми дефект, но може да дојде и до човечки грешки, очекувано е кога се работи под притисок да се случат одредени пропусти. Но, секако се надеваме дека до поголеми испади нема да дојде. Од друга страна, се зголемија сомнежите дека ваквите испади или прекини во работата се прават намерно за да се купува повеќе струја, иако нема логика. Но, сепак, реално е дека одредени трговци се богатат со увозот, но ова е уште една теорија на заговор во ситуации кога состојбите не се кристално јасни – посочува Димитров.

Дека одржувањето на постојките игра клучна улога во нивната работа неодамна за Фактор потенцираше и професорот Ристо В. Филкоски од Машинскиот факултет при УКИМ, кој потенцираше дека поради зголемениот увоз на електрична енергија при екстремно високи цени веќе сме „потрошиле“ една нова комбинирана термоенергетска постројка.

Филкоски вели дека со повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање во изградба на нови, сега, сосема очекувано, ни доаѓа на наплата.

– Повеќето од нив, ако не и сите, го имаат надминато својот технички животен век. Поради тоа, дури и при добро одржување, доаѓа до влошување на перформансите, се намалува ефикасноста, опаѓа доверливоста и доаѓа до зачестени дефекти, прекини во работата и испаѓања. Секако, меѓу причините за намалено домашно производство се и проблематичното одржување на објектите во еден подолг период (прескокнување редовни ремонти, потреба од квалитетна ревитализација и модернизација), како и непреземање потребни чекори за обезбедување гориво (јаглен, течно гориво) и други услови за нормална работа – вели професорот Филкоски и додава дека  во енергетиката нема решенија што се брзи и истовремено квалитетни, туку мора да има стратегиско планирање и организирана работа на среден и на подолг рок.

– Краткорочните решенија може само да ја ублажат состојбата и тоа повеќе привидно и популистички, а многу малку реално. Таквите решенија повторно ги плаќа народот (преку буџетските средства). Од друга страна, специфични проблеми во смисла на вложувањата во енергетскиот сектор се поврзани со менталниот склоп што е доминантен кај нашите политичари и другите надлежни чинители. Тие размислуваат само во рамките на нивниот мандат, што за сериозни енергетски проекти најчесто е прекратко време. Реализација на енергетските проекти е подолготрајна, периодот на враќање на инвестицијата исто така може да биде релативно долг, а често, добар дел од директните и индиректните придобивки не се изразуваат лесно во економско-финансиски категории. Тука мислам на придобивки како што се енергетска безбедност, релативна енергетска независност, намалување на енергетската сиромаштија, еколошки придобивки, ширење на техничка култура, нови вработувања, пратечки мали бизниси итн – појаснува професорот. 

извор: Фактор.мк