Боцевски: Ќе биде погубно едностраното укинување на Преспанскиот договор – не сме единствен народ со сè уште неизвојувана национална кауза

„Сега за македонската дипломатија ќе бидат погубни какви било истрчувања за еднострано укинување на Преспанскиот договор. Но нема тука никакви причини за очајување, или да се гледа некаков безизлез. Не сме единствениот европски народ, во поширокиот круг на Европската Унија, што се судира со неправда и со сè уште неизвојувана национална кауза.“ – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во првиот дел со наслов „Европска интеграција и непосредно соседство“, на колумната насловена како „Можна ли е алтернативна македонска надворешна политика?“, која ја објавува весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Боцевски пишува: Од околу пет илјади народи на Земјината топка, нешто помалку од двесте се избориле за своја држава, а меѓу привилегираните е и македонскиот народ. Изгледа како научна фантастика да се зборува за надворешна политика во земја, што претрпи толку страшни дипломатски порази само во последните пет години. Сè започна со дипломатскиот армагедон наречен Преспански договор и насилното наметнување на ‘Северна…

Како поинаку да се нарече „компромис“ што ги прегазува и ги поништува сите консензуално усвоени македонски „црвени линии“, воведува ново име што веднаш станува омразено од македонскиот народ, поминува на процедура што ги руши внатрешните меѓуетнички односи, дополнително ги влошува и ги обременува односите помеѓу Македонија и Грција, го повишува до усвитување антизападното, антиевропско и антиамериканско расположение во јавноста, а притоа е донесено со газење на волјата на граѓаните, меѓу другото манифестирано и со бојкот на референдумот. Преспанскиот договор очекувано предизвика и една друга предвидлива нуспојава во форма на повампирување на антимакедонските шовинизми во регионот. Старите и добро познати балкански дребни империјалисти го протолкуваа потпишувањето во Нивици како доказ за нивните чудовишни тврдења дека македонската нација е измислица, дека Македонците се „аморфна маса“, а и дека Македонија е само еден „провизориум“.

Оттаму произлезе и бугарското вето за натамошната македонска европска интеграција, како и неправедно наречениот „француски предлог“, кој ја осуди Македонија на европеизација преку бугаризација. Да не зборуваме, пак, дека Преспанскиот договор создаде и парадоксална ситуација затоа што Македонија е демократска земја, а во моментов ѝ е оневозможено да води надворешна политика на демократски принципи.

САД го ставија непочитувањето на Преспанскиот договор и на листата на причини за можни санкции против политичари од Македонија, а ЕУ го цементираше во претпристапните преговори. Тоа значи дека сега за македонската дипломатија ќе бидат погубни какви било истрчувања за еднострано укинување на Преспанскиот договор, но за која било демократска политичка партија ќе биде неможно да излезе пред граѓаните и да го бара мандатот за водење на Владата, а со тоа и на надворешната политика, без јасно обврзување дека среднорочно и долгорочно ќе работи на поништување на Преспанскиот договор и на срамните одредби од преговарачката рамка со ЕУ.

Но нема тука никакви причини за очајување или да се гледа некаков безизлез. Не сме единствениот европски народ, во поширокиот круг на Европската Унија, што се судира со неправда и со сè уште неизвојувана национална кауза. Конзистентноста и втемелувањето на надворешната политика во демократската волја на народот на крајот си доаѓа до израз.

(продолжува)