Бразилците почнаа да му оддаваат последна почит на фудбалскиот великан Пеле со 24-часовно јавно бдеење, кое започна денеска на стадионот Урбано Калдеира, домот на неговиот поранешен фудбалски клуб, Сантос.
Бдеењето е отворено за јавноста и ожалостените почнаа да влегуваат на стадионот уште од утро.

Во вторник, погребна поворка потоа ќе го носи ковчегот на Пеле низ улиците на градот Сантос, вклучително и поминување по улицата каде што живее 100-годишната мајка на Пеле, Селест Арантес, јави Си-Ен-Ен.

Утре во 10 часот по локално време, ковчегот ќе биде пренесен на погреб во тесен семеен круг, кој ќе се одржи во паркот на вертикалните гробишта Некропола Екуменика.
Пеле лично купил парцела на гробиштата пред речиси 20 години, избирајќи место на деветтиот кат затоа што неговиот татко Дондињо играл со бројот 9, објави локалниот медиум „О Глобо“.

Пеле почина на 29 декември во болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло по тешка битка со ракот на дебелото црево.
Во Сантос играше од 1956 до 1974 година, шест пати беше шампион на Бразил, два пати победник на Копа Либертадорес, а најголемиот успех го постигна со репрезентацијата на Бразил, која ја предводеше до три „златни божици“ на четири Светски Првенства.







