Со прифаќање на т.н. „француски предлог“ на 17-ти јули лани Македонија по 17 години кандидатски статус за членство во ЕУ ја одржа првата меѓувладина конференција со Унијата, со што формално почна процесот на преговори со ЕУ.
Условот за продолжување на процесот на евроинтеграции и одржување на втората меѓувладина конференција, со што ќе се отвори и првиот преговарачки Кластер, а тоа се уставните измени, е содржан во Билатералниот протокол, што го потпишаа шефовите на дипломатиите на Скопје и Софија, Бујар Османи и Екатерина Захариева на 19 јули лани.
За фактички да се отворат преговорите, најпрво треба да заврши процесот на скрининг на законодавството на земјава.
Во македонскиот Парламент засега нема обезбедено двотретинско мнозинство за промена на Уставот, додека некои партии го условуваат гласањето за уставни измени со предвремени избори.
Некои партии од албанскиот блок, пак, уставните измени ги условуваат со бришење на нормата „20 проценти“ од Уставот, односно албанскиот јазик да стане рамноправен со македонскиот.
За евроинтеграциите минатата година, за тоа што можеме да очекуваме оваа година на тој план МИА разговараше со политичкиот аналитичар Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.
Трошановски смета дека изминатата година можеби беше кулминација на фрустрациите што оваа земја ги проживеа низ процесот на евроинтеграциите изминативе 15 години, и како таква предизвика голема поларизација во општеството, односно значителен пад на кредибилитетот на ЕУ и перцепција кон истата, иако според анкетите сепак поддршката е виосока.
„Сепак ако се влезе подлабоко во резултатите може да се види дека луѓето се повеќе сметаат дека реформите не се клучни за напредување во процесот и исто така следствено помалку ќе притискаат кон политичките елити да испорачаат суштински реформи“, оцени Трошановски за МИА.
Тој потсетува дека внесувањето на билатералните прашања со Бугарија во Преговарачката рамка е факт и нешто што понатаму потенцијално ќе го проблематизира процесот на пристапување кон ЕУ.
„Процесот и онака нема да биде лесен и ќе наиде на голем отпор во општеството, што е случај во сите земји-членки што претходно преговарале со Европската Унија – за време на преговорите се намалил рејтингот на ЕУ кај нив, бидејќи дел од тие реформи се болни, но во нашиот случај станува збор и за многу емотивни, чувствителни, идентитетски теми, коишто доколку од нашите евроатлантски партнери не се успее да бидат потиснати на маргините и на страна и не го условуваат процесот, тогаш има шанса овој процес посуштински да биде позитивен за земјата, во спротивно ќе биде само формално усогласување на преговарачките позиции и законодавствата, меѓутоа, луѓето нема да го чувствуваа како свој и општеството нема да го чувствува како свој што е едно од главните цели на пристапувањето кон ЕУ“, вели Трошановски.
Од аспект на тоа што можеме да очекуваме од интеграциите во 2023, тој ги наведува завршувањето на скринингот, извештај за објаснувачкиот скрининг и Извештај на ЕУ за тоа како стоиме по тоа поле.
„Меѓутоа, продолжувањето на преговорите и втората меѓувладина конференција е секако условена од внесување на Бугарите во Уставот и е фер и објективно да се каже дека ги започнавме преговорите, меѓутоа дека нема да ги продолжиме, доколку тоа не се случи“, нагласи Трошановски.
Тој потсетува дека како држава и како општество имаме рок до ноември да го направиме тоа, во спротивно, нагласува Трошановски, постои шанса за одвојување на земјата од Албанија и повторно влегување во една спирала на чекање, на неизвесност.
„Тоа и е најмалку потребно на земјава во овој период на криза што го живееме веќе неколку години, криза од сите аспекти, од домашно владеење на правото и добро управување, па се до економската, здравствена и воена криза“, истакна Трошановски за МИА.
Во однос на тоа дали можеме да очекуваме дополнителни блокади од Софија, вели дека веројатноста дека ќе има дополнителни блокади од Бугарија, низ преговарачкиот процес е голема и значителна.
„Гаранциите што опозицијата ги бара или дел од граѓаните дека тоа нема да се случи, никој не може да ги даде и останува во доменот на политичките маневри меката моќ на ЕУ и слично, да оневозможи да се девалвира преговарачкиот процес преку непотребни теми за идентитетот и историјата“, нагласува Трошановски.
Според него, со оглед на политичкиот момент во Бугарија, односно политичката криза и големата фрагментација во политичката арена, може да очекуваме дека партиите уште долго време ќе прават политички поени на оваа тема и дека се можни и блокади и понатаму, најмногу за внатрешно политички поени, но и во согласност со долгата стратешката позиционираност на Бугарија против македонизмот и македонското прашање.







