Во Москва попладнево се одвиваше Гала свеченост на која беа составени групите за Светското фудбалско првенство што ќе се одржува од 14 јуни до 15 јули следната година.
Во Кремљ со присуство на највлијателните во светскиот фудбал, но и гости-домаќини од типот на Владимир Путин се одржа пригодната церемонија на која жрепката беше централен дел. Од свеченоста извлекуваме сигурност на рускиот претседател дека се е сторено да мине во најдобар ред и најава од првиот човек на ФИФА Џани Инфантино дека следниот мундијал може да биде најдобриот до сега. Водители на извонредниот хепенинг беа Гери Линекер и Марија Команднаја, музиката се мешаше со спортот, славните личности следеа, а пехарот во има на последниот освојувач го врати Мирослав Клосе. Тој ќе биде доделен на крајот од 21-то Светско првенство кое ќе се одржи на 12 стадиона во 11 града.



Еве го најважното, групите за фудбалскиот мундијал на кој учествуваат 32 селекции кои во првата фаза се поделени во 8 конкуренции. Во првата се Русија, Саудиска Арабија, Египет и Уругвај. Во втората се: Португалија, Шпанија, Мароко и Иран, во третата учествуваат: Франција, Австралија, Перу и Данска, во четвртата партиципираат: Аргентина, Исланд, Хрватска и Нигерија.
Одиме натаму во составот Е се: Бразил, Швајцарија, Костарика и Србија, во Ф ќе играат: Германија, Мексико, Шведска и Кореја. Во Г следат соочувања на: Белгија, Панама, Тунис и Англија и во Х групата ни престојат меѓусебни дуели на: Полска, Сенегал, Колумбија и Јапонија. Уште еднаш Светското фудбалско првенство започнува на 14 јуни со меч на Лужники во Москва, каде ќе биде и финалето еден месец подоцна.