Владиката Иринеј од СПЦ ги оцени како братски односите со МПЦ-ОА

Епископот бачки на Српската православна црква, Иринеј Буловиќ, ги оцени како братски односите со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, по неодамнешното признавање на автокефалноста.



„Односите, му благодарам на Бога, не се добри, туку братски. Суштински, егзистенцијално, духовно, бевме, сме и ќе бидеме една Црква. По воспоставувањето на евхаристиското и канонско единство со Мајката Црква, во нашиот случај со Српската црква (таа, напомнувам, во времето пред Свети Сава била во составот на Охридската архиепископија), а со тоа и со веселенското православие, ја имаме следната – површински необична, но суштински единствена можна – ситуација: формално, двете цркви се оддалечија една од друга (поради тоа што автономната стана автокефална), но содржински, егзистенцијално, се зближија и се обединија повеќе од кога било досега. Кога нашите браќа во Северна Македонија сфатија и прифатија дека Српската патријаршија не инсистира на прашањето за автокефалноста, што тие толку долго и жестоко го посакуваа и заради тоа навлегоа на патот на расколот, туку дека условот на сите услови на патот кон таа цел им е да мораат да го остварат исклучиво на канонски правилен начин, враќајќи се во легитимниот, кој во 1959 година им го даде Српската црква, статус на најширока црковна автономија во нејзините рамки. Штом го сторија тоа, Српската црква, без услови и одлагање, ги благослови не само со враќањето од расколот во единство, туку и со долго посакуваната автокефалност. Тие наши браќа се убедија дека Српската црква не е против нив, туку за нив и дека не е против нивната автокефалност (врпочем, тие се независна, иако не формално автокефална црква со векови) ако придонесе за поуспешно духовно и пасторално-сотириолошко дејствување во народот и за народот. На крајот на краиштата, црковноправниот статус на Црквата нема никакво влијание врз онтолошкиот факт дека сите помесни Цркви сочинуваат една соборна Црква“, вели владиката Буловиќ во интервју за српскиот магазин „Печат“.

Тој ја нарече лага забелешката дека СПЦ ги „предала и продала“ своите Немањички светилишта на југ и посочи дека во Томосот за автокефалност јасно и гласно е наведено дека СПЦ „го отстапува за користење“ своето историско наследство на новата автокефална црква. Според него, критичарите го занемаруваат фактот дека СПЦ немаше пристап до нејзините јужни епархии од 1941 година до неодамна и оти денес сите српски архиереи, почнувајќи од патријархот, имаат пристап до секое светилиште во Македонија и обратно – сите архиереи од Македонија имаат пристап до сите српски свети места низ светот.

„Статусот на Црквата во Северна Македонија е целосно и правилно канонски регулиран. Беа исполнети два главни услова: тезата дека СПЦ мора едноставно да го признае пучот, односно самопрогласената автокефалност (1967), не помина, а од друга страна, на дело покажа дека нејзин приоритет е единството на Црквата и спасението на душите и совеста на околу два милиона верници, а не некои парцијални интереси“, вели Иринеј во интервјуто.