Македонија е против враќање на српската војска во Косово, вели Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во име на Македонија, застана целосно на позициите на Косово во последните превирања со Србија и со косовските Срби.



Во интервју за агенцијата „Косово прес“, тој изјави дека со загриженост ги следеле случувањата на северот на земјата, каде што Србите поставија барикади, истовремено изјаснувајќи се против повикот на Србија за враќање на нејзините воени и полициски трупи во Косово.

„Ние ги следиме со загриженост настаните, бидејќи линијата помеѓу запаллива или националистичка реторика и ескалација е многу тенка. Затоа бевме против тие повици за враќање на војската во Косово, без разлика дали се за внатрешна употреба, бидејќи може да има некоја друга идеја зад таа реторика, но луѓето може да ја сфатат поинаку и тогаш ќе стане предоцна. Затоа, важно е да се намали оваа непотребна реторика. Интензивирањето на медијацијата преку конкретни идеи е добра можност што треба да ја искористат двете страни. Зборувам за европско посредување преку француско-германскиот предлог, бидејќи статус-квото не го прави тоа. Не одговара на ниту една страна, ниту на Косово, ниту на Србија, од статус-квото имаат корист само трети земји, кои сакаат да ги држат отворени конфликтите овде и на тој начин да имаат свое влијание“, објасни Османи.

Тој додаде дека Македонија го поддржува Косово во постапките за спроведување на законот на целата негова територија, како и дијалогот Косово – Србија и, според него, треба што поскоро да има сеопфатно решение засновано на заемно признавање.