Хрватска на полноќ го одбележа влезот во Шенген зоната со симболично симнување на таблата на граничниот премин Бреган, подигнување на рампата и зелено светло за слободно поминување на местото на поранешната гранична контрола, што ќе биде историја од вечерва.
„Ја отворивме вратата за Европа без граници“, изјави министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ во Брегана.
Хрватска стана нова членка на Шенген зоната, најголемата област на слободно движење на стоки и луѓе во светот, која ги вклучува сите членки на Европската унија, освен Бугарија и Романија, Кипар и Република Ирска и четири други земји кои не се членки на ЕУ: Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.
По тој повод, за новогодишната ноќ беа одржани посебни свечености на бројните гранични премини на границата со Словенија и Унгарија.
Хрватска од денеска и официјално стана 20-та членка на еврозоната, монетарната унија на Европската унија (ЕУ) во која официјална валута и единственото законско средство за плаќање е еврото, втората најважна светска валута.







