
Со надеж за нова поуспешна година, со желби за подобро здравје за сите, ги пренесуваме за вас впечатоците и очекувањата на Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, една од најуспешните компании во земјава, лидер на домашниот и на регионалниот пазар.
Годината која изминува на економски план беше особено тешка и исполнета со многу предизвици: здравствени, воени, логистички, енергетски и економски, што не верувавме дека можат да бидат наша реалност, особено не во 21 век.
И покрај сите потешкотии во секојдневното функционирање, ние успеавме да ја завршиме и оваа кризна 2022 година со резултати кои се подобри од планираните.
Очекувања за наредната година
Во својата долга историја „Алкалоид“ надминал бројни кризи, но секојпат покажувал резилиентност и брза адаптација кон промените. Потпирајќи се на сопственото знаење и искуства, уверен сум дека компанијата ќе го мине и ова премреже. Историски гледано, во изминатите 15 години, кои јасно беа обележани со предизвици на криза, продажбите на „Алкалоид“ континуирано растеа. Во специфични услови на функционирање, особено во изминативе две кризни години, успеавме да ги осигуриме пласманите на сите 42 пазари каде што сме присутни и останавме партнери од доверба на здравствените системи, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи по достапни цени, и покрај нарушените дистрибутивни канали.
Планови и желби за наредната година
Благодарение на нашиот најважен ресурс, нашите вработени, преку нашите вложувања во истражување и развој, градење на конкурентно продуктно портфолио ќе продолжиме со освојување нови пазари и со глобализација на брендот „Алкалоид“ како наша главна стратешка определба. Еден од најбитните параметри за „Алкалоид“ ќе останат инвестициите, а грижата за заедницата во која живееме и функционираме ќе остане на листата приоритети на компанијата, првенствено преку проекти за образование, спорт, поддршка на младите и генералното промовирање на позитивните вредности.
Во духот на компаниското мото „Здравјето пред сè“, би посакал 2023 година да е исполнета со многу здравје, мир и моменти на радост. Среќни празници!





