Фармацевтската компанија „Реплек“ минатата недела преку аукција го продала земјиштето на маркетот Хубо од 4.000 метри квадратни на Орка Холдинг, дознава Фактор од неофицијални извори.
Според сознанијата на порталот, зделката тежи 92 милиони денари, што е рамно на 1,5 милиони евра.
На ова земјиште, кое се наоѓа до клиничката болница Аџибадем Систина, е обезбедена дозвола за градба на 40.000 метри квадратни површина над и под земја.
Според информациите со кои располага Фактор, Орка Холдинг на тоа земјиште планира да гради „Болница мајка и дете“, како и медицински факултет. Новата зграда ќе биде споена со клиничката болница Аџибадем Систина.
Со тоа всушност, Аџибадем Систина ќе добие огромен болнички комплекс од 70.000 метри квадратни, кој ќе ги опфати сите медицински дејности, ќе има капацитет од 550 кревети, а ќе располага и со медицински факултет.
Практично, на овој начин Аџибадем Систина ќе стане најголемата медицинска установа во целиот регион, говорат информациите на Фактор.





