Скопската урбана легенда Јохан Елзесер открива кои двајца македонски фудбалери имале можност да играат фудбал против големиот Пеле.
,,Во 1968-ма година во Рио Де Жанеиро на Маракана играат фудбал Бразил против Југославија. Во Бразил игра ПЕЛЕ, во Југославија игра Методија Спасовски од Скопје кој во 7-ма минута го дава првиот гол за водство на Југославија. Пеле и Методија даваат по еден гол. Натпреварот завршува 3 : 3. Втор македонец кој играл против Пеле е Кирил Дојчиновски. Памтам, како што денес сите деца сакаат да бидат МЕСИ, така сите ние сакавме да бидеме ПЕЛЕ. Иначе ПЕЛЕ го гледавме на црнобели телевизори без даљинско. ПЕЛЕ беше фраер. Почивај во мир ❤️”, пишува Елзесер за бразилскиот и македонските великани.
КИРИЛ ДОЈЧИНОВСКИ
Кирил Дојчиновски, роден на 17. октомври 1943 година во Скопје, ќе остане засекогаш запаметен во историјата на македонскиот спорт како првиот Македонец кој бил дел од Светските фудбалски првенства. На Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, Дојчиновски тогаш како фудбалер на белградска Црвена Звезда остана забележан како првиот македонскиот фудбалер повикан во екс-југословенскиот состав.
Своите фудбалски почетоци ги бележи во Вардар, каде настапува пет сезони во периодот од 1962 до 1967 година. Притоа во дресот со црвено-црните бои има одиграно вкупно 218 натпревари и настапено на 132 првенствени средби.
Потоа се сели во белградска Црвена Звезда (1967 – 1974) достигнувајќи го врвот на својата слава. Од Црвена Звезда, потврдувајќи ги своите огромни фудбалски квалитети, продолжува во една од најсилните лиги во светот, во француските Троја и ФЦ Париз.
Во периодот од 1970 до 1974 година беше стандарден член на репрезентацијата на поранешна СФРЈ предводена од Миљан Миљаниќ. Четирикратен шампион на Југославија со Црвена Звезда, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74.
По завршувањето на играчката кариера стартува со тренерска кариера. Како тренер е двократен шампион на Ел Салвадор со Луис Фирпо, и селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор. Потоа ја презема клупата на својот Вардар, но беше тренер и на грчки Ираклис, како и на македонските клубови Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип. Карариера ја заврши таму од каде што ја и почна, како тренер на својата најголема љубов, ФК Вардар, во сезоната 2007/08 кога се нафати на предизвикот во една од најтешките пресвртни години во историјата на клубот.
Кирил Дојчиновски, поради огромните заслуги за македонскиот фудбал, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.
На средбата меѓу Југославија и Бразил во 1968 според многумина кои го следеле мечот Дојчиновски успеал да го запре Пеле а на мечот дал и еден гол.

Методија Спасовски
Роден на 4 февруари 1946 година во Скопје, Спасовски е запеметен како еден од најголемите мајстори со фудбалската топка, во периодот по катастрофалниот земјторес, кој го погоди нашиот главен град. Во дресот на Вардар, дебитира во сезоната 1962/63 и останува верен на клупските бои во наредните 12 години.
Вториот вардаров стрелец, своевремено беше асистент на Андон Дончевски и помошник тренер во сезоната 1986/87, кога најтрофејниот македонски фудбалски клуб се искачи на шампионскиот трон, во првенството на Југославија. Подоцна, Спасовски беше назначен и за шеф на стручниот штаб, предводејќи го сениорскиот тим на Вардар во натпреварувачката 1988/89, во првата југословенска лига.





