ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори, кои според нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски, би се одржале на 14 или 21 мај следнава година. Според него, на државниот систем му треба „ресетирање“. Во тој случај во втората половина на јануари би почнала 100-дневната техничка влада. Мицкоски најави можност да се гласа за доверба, односно за уривање на Владата со помош на дел од пратениците на ДУИ и СДСМ.
Се разбира тој не ги открива нивните имиња кои засега само можат да бидат претпоставени.
Меѓу луѓето кои се дел од ,,ранливите” пратеници на владечката коалиција се незадоволни партиски функционери на кои не им биле остварени ветувањата, одговорни пратеници кои гледаат каде се движи земјата но и луѓе кои се плашат од доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ и затоа со време би сакале да се договорат со идната власт.
Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски во новогодишното интервју за јавниот сервис истакна дека 2023 година нема да биде изборна година бидејќи власта била многу зафатена со решавање на економската криза и со скриниг-процесот со ЕУ.
Првиот човек на Движењето Беса, Биљал Касами, вели дека опозицијата сака избори за да може потоа да преземе одговорност за решавање на економската криза и за уставните измени.
„Тоа се работи од политичка динамика и затоа мојот предлог е доколку сакаме да разговараме за овие прашања, местото е на средба на лидерите на парламентарните политички партии, каде нивните претставници ќе имаат можност да разговараат за нивните приоритети и на крај, да дојдеме до заеднички договор каде секако ќе треба да се направи компромис и да се постигне мнозинство за уставните измени, но и да се оди на предвремени избори“, рече Касами.






