Пандели Мајко побара „Голема Албанија“ од Нова година

Изјавата на албанскиот министер Пандели Мајко кој побара укинување на границите меѓу Косово и Албанија предизвика нови тензии во регионот кој се подготвува за финален исчекор кон евроатланските интеграции.



Мајко кој беше премиер на Албанија за време на интервенцијата на НАТО во Србија во 1999 година во име на албанскиот премиер Еди Рама во Приштина на конференцијата на албанската дијаспора побарал од 1 јануари да нема контрола на косовско – албанската граница.

Изјавата на министерот за албанската дијаспора во владата во Тирана, за дел од српските медиуми е најава за реализација на проектот „Голема Албанија“.

На Економскиот форум на албанската дијаспора во Приштина, Мајко укинувањето на границата меѓу Косово и Албанија го образложил со „европска акција“ и непречено минување на границите за луѓето и производите и потсетил на отворањето на границите за Косоварите кои во 1999 година избегаа во Албанија под притисок од српските сили а никој во Европа не прашал за пасошка контрола и проверки.

Говорот на Мајко во Приштина бил пречекан со силни овации од присутните.

По Мајко во Приштина говореле и косовскиот премиер Рамуш Харадинај и претседателот Хашим Тачи кои што го поддржале предлогот на Тирана.

Во коментарите на српските аналитичари изјавата на Мајко и реакциите на Приштина се доживуваат како отворен повик за формирање на Голема Албанија што може да биде опасно за целиот регион а од западните сили се бара да им се објасни на Албанците дека укинувањњето на границите може да предизвика сериозни тензии.

Доколку ЕУ и НАТО им дозволат на Тирана и Приштина да ги укинат границите тогаш не се исклучува истото да го побара и Србија со Република Српска.

За лидерот на Србите на Косово Оливер Ивановиќ Голема Албанија е можна ако тие меѓу себе се договорат каде ќе биде центарот од каде што ќе се одлучува за сите Албанци и каде ќе биде главниот град, што според него поради големите разлики меѓу Албанците на Косово и во Албанија засега не е реално.