Колку се вистинити зборовите на премиерот Ковачевски кога вели дека ниту еден граѓанин нема да биде оставен во невоља од власта најдобро се гледа од примерот на село кое се наоѓа до регионален водовод, река, езеро и под извори но сепак цел месец нема вода.
,,Во изминатиов речиси еден месец голем број на жители од Долно Косоврасти, Дебар се соочуваат со голем проблем со водоснабдувањето, каде што во целиот овој период дел од жителите воопшто немаат пристап до вода, а другиот дел имаат вода, но со намален притисок што не е доволно за основни хигиенски потреби”, се вели во реакцијата на организацијата Здружение за развој Млади за јавен интерес.
Жители кои се соочуваат со овој проблем повеќе пати се обраќале до раководството на ЈКП „Стандард“ Дебар, но за жал од таму нема слух за решавање на проблемот.
Поради пасивноста на месната заедница во Долно Косоврасти, а повикувајќи се на целите наведени во Статутот на здружението, меѓу кои се и развој на граѓанското општество и човекови права, ние презедовме иницијатива и испративме пријава до Државен комунален инспекторат – Скопје, а потоа по нивни насоки и до Комуналниот инспектор во Дебар – Алтин Фетаху пред една недела, но за жал проблемот се’ уште е присутен.
,,Сакаме јавно да апелираме за што поскоро решавање на проблемот од страна на надлежните, а во спротивно ќе бидеме приморани да пријавиме и непостапување на институциите, а понатаму доколку е потребно и колективна тужба”, се вели во реакцијата и апелот.
Според Законот за води, секое комунално претпријатие кое стопанисува со вода е должно во рок од 12 часа да обезбеди вода за пиење и за други неопходни потреби, а во нашиов случај речиси месец дена ни е прекршено основното човеково право гарантирано со Уставот на Република Македонија. Од таа причина испратена е пријава и до Народниот правобранител на Република Македонија, се вели во реакцијата од тимот на Здружение за развој МЛАДИ ЗА ЈАВЕН ИНТЕРЕС од Дебар.
За разлика од селото комплексот Дебарски Бања Цапа нема проблем со вода.
На последните локални избори власта на ДУИ и СДСМ претрпе тежок пораз во Долно Косоврасти поради што дел од селаните се сомневаат дека власта не го решава проблемот во знак на реваншизам кон селаните.





