ЛДП е шеста година на власт, на Зајкова сега и текна дека во земјата има недопирливи политички моќници

Образованието и правосудството, според пратеничката и новата лидерка на ЛДП се ресори каде постојат најгорливите проблеми, и таму треба да се делува.



„Ако сакате да уништите една нација, уништете ѝ го образованието. Ако сакате да има стагнација во една држава, треба да има уништен правосуден систем, бидејќи тој е темелот на сѐ она што понатаму се случува. Тука треба повеќе да работиме“, рече таа во интервју за Макфакс најавувајќи нови иницијативи, конкретно во судството.

„Тука ќе опфатиме дел од сите правосудни органи, од Законот за јавнообвинителска служба, Законот за јавни обвинители, Судскиот совет, кој што никој не го допрел. Но и често напоменувам и тука ќе напоменам, секоја одговорност мора да има име и презиме. И мора да престанеме со онаа генерална слика: „Не чини судството, не чини обвинителството“. Не. Мора да ја детектираме одговорноста и таа одговорност да биде санкционирана“, додава Зајкова.

Според неа никој не треба да се плаши од реформите.

„Затоа што се стекнува слика за тоа како самите политичари се плашат да се реформираат, како да имаат нешто да сокријат“, истакнува Зајкова, не негирајќи дека во државата има недопирливи политички моќници.

„Може да се сложиме да, има. И не за џабе се стекнала сликата дека има недопирливи политички моќници, затоа што де-факто, постојат такви луѓе“, вели таа.