Алијанса за Албанците (АА) реагира што во учебник за V-то одделение на албански јазик се протна и Демократската унија за интеграција како пример зошто и кога се користат кратенки на држави и – организации:
„Кога имињата на земји, на различни организации итн. се состојат од два, три или повеќе збора, се користат кратенки. Овие ознаки се пишуваат и изговараат со кратенки користејќи ги првите букви од зборовите. Пример РСМ (Република Северна Македонија), САД (Соединети Американски Држави), МОН (Министерство за образование и наука), ООН (Организација на Обединетите нации), ДУИ (Демократска унија за интеграција) итн.“, стои во учебникот .
Алијанса смета дека ова е скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда и обвинија за политизација и партизација на образованието.
„Тоа е срамна сервилност на самиот автор Вехби Кадриу, таткото на поранешниот кандидат на ДУИ, Ендрин Кадриу, кој потоа беше назначен за директор на Радиодифузија. Што се однесува до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, тоа го кажавме многу порано и денеска тој потврдува дека е министер за уништување на образованието“, рече на прес-конференција Наим Бајрами, портпарол на Алијанса за Албанците.
Оттаму побараа повлекување на учебникот, а заедно со него повлекување и на министерот за образование Јетон Шаќири од функцијата.
Од министерството за образование на ова велат дека доколку кој било граѓанин, група граѓани или здруженија имаат забелешки во однос на содржината во некој од учебниците и сметаат дека таа е несоодветна, тоа можат да го пријават, по што забелешките ќе бидат разгледани и ќе биде донесена соодветна одлука, пренесе „360 степени“.






