
Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека лажни биле пријавите за поставени експлозивни направи до училишта во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и струшко.
Според Министерството, полицијата ги направила сите потребни проверки и утврдиле дека не постои опасност по учениците и училишниот кадар.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР.
Ова е првпат дојави за бомби да стигнат до училишта во Тетово, Прилеп и струшко. Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами претходно на социјалните мрежи повика на смиреност од граѓаните, наставниците и родителите.
Од 26 октомври па сѐ до денес, ова е 20 пат да се пријавуваат дојави за бомби низ Северна Македонија. Покрај во основни и средни училишта изминатиов период имаше дојави за поставени експлозивни направи и во Народната Банка, полициска станица, Министерството за надворешни работи, Транспортниот центар и повеќе трговски центри и станбено-деловни комплекси. Досега беше утврдено дека сите дојави се лажни.





