Груевски: Тркалото се врти, ќе има одговарност за политичкиот прогон

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, порача дека „тркалото се врти“ и оти ќе има одговорност за сите што се дел од политичкиот прогон на неговите сопартијци и на сите на кои, како што вели, единствената вина им е што ја сакаат Македонија.



„Бараме безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон. Бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС. Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон. Сите оние кои се дел од овој политички прогон од оваа незаконитост треба да знаат дека тркалото се врти. И одговорност за сите прекршувања на законот ќе има, колку и да се чувствуваат сега безбедно и сигурно“, рече тој во јавното обраќање од седиштето на партијата пред да најави заминување на протестот пред Основен суд Скопје 1.

„Заев и СДСМ брутално удираат кон тие што мислат и делуваат македонски. Ова е последниот чин на пресметка со слободномислечкиот Македонец и со граѓаните кои се одважија да кажат став за разградувањето на државата, против Тиранската платформа, против насилието на власта. Против секој кој мисли македонски и се грижи за националните интереси. Во прашање е државата. Ова не е правда, веќе законите и Уставот не важат, ова е заробена држава“, рече Груевски.

„За што треба да одговараат оперскиот пејач, режисер, актер, доктор, архитект. За тероризам, каде минималната казна е 10 години затво,р кои се спротивставија на Тиранската платформа, со која се носи неуставна двојазичност, промена на унитарниот карактер на државата. Влезот на граѓаните беше реакција на акцијата на СДСМ и на Заев насилно да го изберат Талат Џафери со цел да ја спроведат својата Тиранска агенда, која еве сега се оделотворува. На крај ударот е и на пратеничката група,  која неуспеаја да ја разградат на друг начин и сега се оди на физичка елиминација на компактноста на пратеничката група на ВМРО за да во Собрание помине сè што сакаат и е на дневна агенда. Ова е посипување на зла крв во целото општество. Во 21. век имаме процес против луѓе кои си ја сакаат својата земја, само затоа што гласно кажаа не на оваа хунта на власт“, додаде поранешниот премиер.