Поради зголемување и надминување на вредноста на загадувачки супстанции од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови во Скопје, Кичево, Кавадарц и Струмица, Министерството за животна средина и просторно планирање најави стапуваче на сила на соодветнби препораки и мерки.



Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, потоа да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот, да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Со овие препораки Владата ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат употребата на службените возила до 50 проценти и да обезбедат ограничување на работите на градежните објекти.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и општините треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети, додека Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина) во текот на времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа, се до нејзино завршување, како и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина, пак, согласно препораките и мерките, треба да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А-ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира и дека ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А-ИСКЗ дозвола за намалување на капацитетот на производство до 50 отсто, со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Единиците на локалната самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.