За милиони жители на САД, овој празничен викенд повеќе личи на кошмар, откако силно зимско невреме погоди делови од Северна Америка.
Како што од час во час се намалуваат температурите, некои делови би можеле да го дочекаат најстудениот Божиќ во последните 40 години.
Околу 200 милиони Американци се погодени од силната зимска бура што ги зафати САД.
Се проценува дека досега загинале најмалку 19 лица.
Повеќе од 1,5 милиони жители останаа без струја, а илјадници летови беа откажани вчера.

Огромното невреме се протега на повеќе од 3.200 километри, од Тексас на југот на САД до Квебек во Канада.
Циклонската „бомба“ или ненадеен пад на атмосферскиот притисок предизвика виулици на Големите езера, лоцирани на границата на САД и Канада.
Во Онтарио и Квебек, Канада, стотици илјади луѓе се без струја. Предупредувањата за екстремен студ и зимско невреме беа на сила во поголемиот дел од остатокот од земјата, од Британска Колумбија до Њуфаундленд.
Во САД, температурите во Елк Парк, Монтана, паднаа на -45 степени Целзиусови, додека градот Хел, Мичиген, „замрзна“.
Во Јужна Дакота Индијците си ги запалиле облчеките на снегот за да се стоплат откако останале без гориво, пишува Би-Би-Си.







